Едно од најчесто поставуваните прашања што го добиваме е: „Што можам да користам наместо јајца во рецептот XY (вметнете го вашиот омилен рецепт овде)?“. Затоа решивме да ги ставиме на тест најчестите замени за јајца за да видиме кои даваат најдобри резултати.

Поради нивните својства на пенење и врзување, јајцата се важна компонента на многу јадења, печива и десерти.

Сепак, производството на јајца е одговорно за значителни проблеми за благосостојбата на животните, штетата на животната средина и здравствените ризици.

Избегнување или изоставување јајца не значи жртвување на вкусот на омилената храна. Постојат многу опции за замена на јајца за готвење и печење.

Некои замени за јајца може да го променат вкусот или текстурата на вашиот рецепт. Затоа треба да изберете една од овие опции што ги надополнува другите состојки или останува незабележана. Забавувајте се и експериментирајте со храната при готвењето и печењето, за да откриете што најмногу одговара на вашите омилени рецепти и најдобро одговара на вашиот вкус.

Но, зошто јајцата се појавуваат во толку многу јадења и што може да се користи како замена за јајца?

Јајцата се користат за да се обезбеди влага, за врзување храна дури и за да се даде доволно „мекост“ и волумен на печивата. Понекогаш ви треба само белка од јајце или само жолчка. За некои рецепти воопшто не се потребни јајца се додека нешто друго ја заменува влагата.

Исто така, јајцето служи како емулгатор, кој комбинира вода и масти и создава мазно тесто.

На пример во рецептите за палачинки. Нашиот рецепт за вегански и здрави палачинки од банана и овес ви покажува дека можете и без јајце да ги приготвите меки и воздушести.

Во следниот пасус ќе објасниме кои состојки се користат како замена за јајца за што и кои други опции постојат.

Аквафаба

Аквафаба е водата која се добива при готвењето на мешункасти плодови како наут, бел и црвен грав. Има вискозна конзистентност и претежно се состои од јаглехидрати и протеини кои мигрирале од мешунките во водата за време на процесот на варење. Во зависност од тоа што бара рецептот, бојата тогаш исто така ќе игра улога. Можете да влијаете на ова со избирање на правилен вид на мешунки.

Течноста изматете ја со миксер или процесор за храна, слично на белка од јајце и може да добиете изненадувачка количина и волумен од неа.

Веќе постојат рецепти со аквафаба кајмаци кои се направени од водата од наут. Аквафаба можете да ја користите за печење за сите рецепти за кои е потребен протеин, или директно од јајцето или пак шлаг. Матете ја течноста додека не стане цврста пена. Не грижете се, оваа пена не може да се премати.

Примери на рецепти каде аквафаба може да се користи наместо белки се сладолед, мус од чоколадо, браунис и макаронс.

Само проверете дали аквафабата ја има вистинската конзистентност. Мора да изгледа лигаво како белка од јајце, не треба да биде премногу тенка или премногу густа.

Ако користите конзервирана течност, проверете дали содржи сол или сода бикарбона. Бидејќи ова може да тргне наопаку со одредени рецепти како што се макаронс или кајмаци. 🙂.

3 лажици аквафаба (матена) заменуваат една белка од јајце.

Ленено брашно или мелено семе од лен

Лененото брашно има природна гел-текстура кога ќе се измеша со течност. Приготвено на овој начин се користи како функционална замена за јајца со децении.

Ако измешате мелено ленено семе со течност, ќе го постигнете приближниот волумен на јајцата и нивните својства на врзување.

Ако е важна светлата боја на тестото, тогаш треба да го користите златното/светло ленено семе, ако рецептот ви е темен, тогаш користете кафено ленено семе, со што тестото станува малку потемно.

Типичен сооднос за правење ленено јајце е една лажица ленено брашно/мелено ленено семе, кое се меша со три лажици вода. Оставете го да отстои десетина минути пред да го користите. Ленот има малку соленкаст вкус и зрнеста текстура. Ленените јајца се најдобри за рецепти со висок профил на вкус. Можете да ги користите за да збогатите сè што е поврзано со чоколадо, на пример, но тие се погодни и за вафли, палачинки и мафини.

Измешајте 1 лажица брашно од ленено семе со 3 лажици вода и оставете го да отстои  околу 15 минути. Ова е еквивалентна замена на едно јајце. Сепак, не би препорачале да замените повеќе од две јајца на овој начин.

Чиа семе

Семето од чиа, слично на семето од лен, произведува текстура слична на гел во контакт со влага, апсорбира вода, расте по повеќе пати од нивната оригинална големина по неколку минути и постигнува гелова супстанција.

Имајте на ум дека семето од чиа е црно, освен ако не купите семе од бела чиа, кое не е толку широко достапно. Ова значи дека ако сакате да ги користите во светли рецепти, тие ќе бидат целосно видливи и изгледаат слично на афионово семе.

Вкусот е малку горчлив, па семето од чиа е најдобро за рецепти со многу вкус. Замената за јајца со семе од чиа е идеална за браунис, чоколадни торти или колачи со ѓумбир .

Ако ви пречи текстурата на семето чиа во печивата, мелете ги пред да ги комбинирате со вода. Мелењето можете да го изведете со процесор за храна, со додаток за зачини или мелница за кафе и ќе функционира многу добро.

Измешајте 1 лажица семе од чиа со 3 лажици вода и оставете го да откисне околу 15 минути. Таа смеса има функција на јајце за врзување на состојки. Ние не би препорачале да замените повеќе од две јајца на овој начин.

Банана

Зрелите банани функционираат како замена за веганско јајце со тоа што додаваат влага и сладкост на рецепти од  растително потекло. Сепак, проверете дали ќе додадете доволно средства за растење на печива (на пр. сода бикарбона, прашок за пециво или пак квасец) за тестото да не излезе премногу тврдо. Зрелите банани се најдобри за колачи, палачинки и браунис.

Во зависност од големината на бананата, измешајте половина пирирана банана (приближно 60 гр.) и една лажичка прашок за пециво за да замените едно јајце.

Наместо банани, можете да користите пире од тиква или сладок компир на ист начин за да замените јајце.

Пире од јаболка

Оваа замена за јајца е идеална за печива каде што се користи и друго средство за расетење на печива. Наместо тоа, се користи за врзување и влага.

Најдобро е да користите незасладено пире од јаболка. Ако имате варијанта со додаден шеќер, тоа не е ништо страшно. Едноставно, намалете го засладувачот наведен во рецептот и ништо нема да биде презасладено.

Оваа варијанта му дава на тестото лесен вкус на јаболка, крцкав однадвор и многу мек одвнатре. Оваа замена за јајца е погодна за мафини, браунис, вафли …

Околу 60 гр сос од јаболка заменува едно јајце.

Путер од јаткасти плодови

Користењето на еден од омилените путер од јатки им дава на вашите печива им дава лесен вкус на јатки. Кремастата текстура на путерот од јатки добро ја врзува храната. Сите путери од јатки се всушност соодветни, без разлика дали е путер од бадем, путер од индиски орев, путер од лешник или путер од кикирики. Тоа целосно го препуштаме на вашата желба.

3 лажици путер од јатки заменуваат едно јајце.

Оцет и сода бикарбона

Мешањето оцет и сода е антички кујнски трик што се користи за замена на јајца. Тестото ќе се зголеми во обем и ќе биде многу меко и воздушесто полно со волумен. Мирисот на оцет ќе испари преку печењето и нема да влијае на вкусот на готовото тесто.

Оваа замена е погодна за различни видови колачи, мафини и брзи лебови (без киснење или квасец).

1 лажица оцет и 1 лажица сода измешана заедно заменува едно јајце. Ние не би препорачале да замените повеќе од едно јајце на овој начин.

Лимон и сода бикарбона

Оваа замена е погодна за различни видови колачи, мафини, фалафел и брзи лебови.

Измешајте 2 лажици лимон со 1 лажица сода бикарбона и заменете едно јајце. Не би препорачале да замените повеќе од едно јаце на овој начин.

Неутрално масло, сода бикарбона и вода

Секоја кујна скоро секогаш ги има на располагање овие едноставни состојки. Затоа, оваа опција за замена на јајца е исто така многу често користена кога јајцето се користи како средство за подигање во рецептот.

Погоден за мафини, палачинки и брз леб.

1,5 лажици неутрално масло, 1 лажичка прашок за пециво и ½ лажица вода измешани заменуваат едно јајце.

Газирана вода

Звучи многу едноставно и многу сомнително, со малку напор до добар успех, но функционира, особено кога се користите дополнително средство за подигање на печива. Пенливата вода се користи за олабавување и обем на тестото.

60 ml или 4 лажици пенлива вода заменува едно јајце.

Нишесте или скроб

Без разлика дали е скроб од пченка, компир или тапиока, резултатот ќе биде ист. Скоро сите видови скроб се користат како средство за врзување или задебелување на сосови, пудинзи и намази.

Оваа алтернатива е погодна за печење колачиња и многу добра за вегански хамбургери и ќофтиња.

Измешајте 2 лажици скроб и 2 лажици вода и така ќе замените едно јајце.

Брашно

Брашно од наут,  пченично интегрално или белото брашно може да ги заменат јајцата како врзива во рецептите.

Оваа алтернатива е погодна за печење колачиња, панирање и приготвување на вегански хамбургери и ќофтиња.

Мешавина од 3 лажици брашно и 3 лажици вода е еквивалентно на едно јајце.

Меко тофу (silken tofu), јогурт од соја или млеко од растително потекло

Меко тофу или јогурт од соја се многу погодни за филови на торти, како што е чизкејк или од сличен вид. За тесто за пита каде што е потребно јајце, мекото тофу исто така може да направи добра работа и добро врзува, но има свој вкус. Тоа може да ви се допаѓа или не. 🙂.

Јогуртот од соја е сличен на мекото тофу, тој исто така има малку свој вкус, но го прави тестото воздушно и сочно. Освен својата моќ на врзување, јогуртот им дава на печивата дополнителна влага и волумен.

Растителното млеко како алтернатива за јајца е многу погодно за колачи, подлоги за торти, мафини, браунис или колачиња.

60 гр меко тофу (пире) и 1 лажица сода бикарбона заменуваат едно јајце.

60 гр соја јогурт и 1 лажица сода бикарбона заменуваат едно јајце.

60 ml растително млеко заменуваат едно јајце.

Агар Агар

Агар-агар може да се користи за јадења или колачи каде рецептот бара само протеини. Агар-агар често се користи како билно средство за желирање.

За да користите агар како протеин, треба да го подготвите на следниов начин:

Растворете една лажичка снегулки од агар-агар во 1 лажица вода. За да се раствори, прво посипете го правот/снегулките со течноста, па оставете го да одмори 5 минути и оставете го да зоврие на средна топлина. Следниот метод се покажа како корисен: убаво изматете ја мешавината агар-агар со жица за матење за добро да се раствори, а потоа ставете ја во фрижидер 15 минути и повторно матете.

1 лажичка агар измешана со 1 лажица вода одговара на едно јајце или една белка од јајце.

Заменете јајце за премачкување на печива:

Убава кафеаво, сјајна кора на пецивото изгледа многу привлечно, но како се добива без јајца? За да дојдеме до посакуваниот резултат, тука моравме да се помачиме . 🙂

За бојата: се премачкува со растително млеко.

За сјајна, кафеава кора: Измешајте прстофат шеќер со растително млеко и премачјакте го пецивото.

За боја и мекост: користете стопен, вегански путер или маргарин за печење и премачкајте.

За бојата

Куркумата е зачин што може да се користи во јадења без јајца за да се создаде светло жолта боја. Додава боја на храната и често се користи во индиската и мароканската кујна. Зачинот може да се најде во форма на прав или како мал корен и е познат по своите антиинфламаторни својства.

Прстофат мелена куркума и дава на храната лесно жолтеникава боја на јајце.

Ако користите брашно како замена за јајца, може да добиете убава светла боја на жолчка од јајце со брашно од наут.

За вкусот

Индиската црна сол, Кала Намак, е замена за јајца по вкус. Значи, таа оди особено добро со јадења во кои ви треба вкус на јајца. Така можете да ја користите солта на пример да  направите салата од веганско јајце.

Водородниот сулфид што го содржи и дава на солта карактеристичен вкус на варени јајца.

Запомнете:

Веројатно забележавте дека не користевме готова мешавина за замена на јајца во нашата листа на производи во посни рецепти. Готовите мешавини за замена на јајца се навистина непотребни затоа што има толку многу различни и едноставни состојки што скоро секое домаќинство ги поседува.

Ако навистина сакате да ги испробате „не-јајцата“ или веќе имате искуство со нив, кажете ни во коментарите како се однесуваат при печење и готвење и дали сте биле успешни со вашите експерименти. 🙂

Со списокот сакавме да ви дадеме инспирација за готвење и печење. Бидејќи домашно печената и зготвена храна е највкусна и воопшто не постои пречка за веганизирање на вашите омилени печива, слатки или солени.

Ви посакуваме многу успех и се радуваме на вашите резултати и варијации. 🙂

Следете нè на Instagram и Facebook и означете нè под вашите креации. 💚

Sharing is caring!

Leave a comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.