За да им додадете повеќе вкус на јадењата, нема ништо подобро од одгледување на омилените билки во сопствената градина или во саксија на малиот балкон. Свежите билки додаваат богатство на вкусот со кој сувите и индустриски преработени билки едноставно не можат да се натпреваруваат. Одгледувањето билки во зеленчукови градини или саксии е супер лесно.

Целта на оваа објава е да споделиме со вас неколку билки што би сакале да ги препорачаме за секоја градина, бидејќи се едни од најлесните за одгледување и оддржување. Можете да ги одгледувате од семе или од корен. Тие се развиваат добро во градинарски леи (високи или ниски), но добро се снаоѓаат и во саксии.

Доколку сакате да направите билна аптека или колекција од билки дома, навистина не можете да погрешите со следниве 10 билки. Сите овие билки се неверојатно разноврсни и ние обожаваме да ги користиме секојдневно во нашите свежо приготвени оброци и напитоци. Ако сакате да создадете добра основа за вашата билна аптека дома, разгледајте ги следниве 10 билки и започнете со експериментирање. 😉

Овде ќе дознаете како се сеат, растат, собираат/жнеат, сушат одделни билки и за што се користат.

different herbs on a dark wooden wall

Босилек

Босилекот може да расте и да се развива на отворено или пак во домашни услови. Потребна е растресита почва и многу сончева светлина. Ако го одгледувате растението од семе и сакате да го пресадите надвор, посејте го семето околу шест недели пред да заврши зимската сезона. Не ги поместувајте растенијата надвор додека постои ризик од мраз.

Се сее од март до мај во покриени, рани леи. Од мај до јуни на отворено или во домашни услови преку целата година. Добро притиснете, но семето не го покривајте со земја и одржувајте ја почвата влажна.

Семето р’ти за 15-20 дена на температура на почвата од 16-20 степени целзиусови.

Жетвата на отворено може да се очекува од јули па додека не падне мраз или во затворен простор во текот на целата година.

Најдобро е да се избере сончева до делумно засенчена локација на отворено. Во домашни услови, изберете светло место.

Различните форми на култури се разликуваат во бојата на лисјата, големината, аромата, видот на растот и условите на растење.

Осигурете се да ги исечете пупките пред да цветаат за да добиете поинтензивен вкус на листовите и гранчињата. Сечете го растението често за да добиете што е можно повеќе босилек. 

Босилекот е суштински дел од италијанската кујна.

Свежиот босилек е погоден за песто, салати, чај или пак масло со неколку гранчиња босилек особено е вкусно со тестенини.

Нане

Пеперминт, мента, нане, итн. се неколку од називите за нане.  Постојат многу видови нане што можат да растат во секоја градина и сите тие можат да бидат прекрасни додатоци во кулинарските експерименти. Нането може да го одгледувате во градината како убава, миризлива, арматична, летна билка или да го засадите во голема саксија. Бидете внимателни, бидејќи нането брзо расте и може да заземе голем дел од градината! 

Нането ужива во делумна сенка и влажна, лесна почва.

Ако сакате да го подигнете нането од семе, тогаш посејте го на отворено од март до април во покриени леи или од мај до јуни во градината. Нането р’ти кога температура на почвата достигнува 15-20 степени целзиусови по околу 15-20 дена. Бербата е можна од јули до доцна есен. Растението нема посебни барања за неговата локацијата.

Нане може да се користи за правење вкусни сосови, чаеви, ликери и слатки. Свежа лимонада од пеперминт нане или пак  во студените денови, топло чоколадо со нане… мммхм

Магдонос

Магдоност е популарна билка со векови, богат е со витамин Ц, железо, јод, магнезиум и други витамини и минерали. Магдоносот е најчестиот гарнир, но може да донесе многу повеќе вкус на свежо готвените јадења. Го има во повеќето мешавини со билки и може да се додаде во салати, супи, различни тави и други специјалитети. Ние често ја приготвуваме либанската салата од магдонос – табуле. 

Магдоносот се сее во саксии од март до април или на отворено од мај до јули на длабочина од приближно 0,5 см со растојание на редовите од 25 см и 8 см во редот. Засадете го магдоносот на целосно сонце до делумна сенка. Откако целосно ќе порасне, магдоносот е апсолутно некомплициран и бара вода само на неколку дена.

Рузмарин

Рузмарин е зелена грмушка која припаѓа на семејството на нане. Растението има горчлив, дрвенест вкус. Како оригано, рузмаринот може да биде моќен зачин и треба да сe комбинира со јадења со силни вкусови.

Чаша чај рузмарин може да помогне депресијата да се претвори во мотивација. Ако има доволно простор да напредува, може да стане доста голем.

Во затворена просторија се сее од март до јуни или на отворено од мај (без мраз). Пред сеидбата, наводнете ја почвата и положете го семето рамно. Кога почвата ќе достигне температура од 18-25 степени целзиусови р’ти за 20-35 дена, но р’тењето е многу нерамномерно.

Во првата година на сеидбата, на жетвата може да и се радувате од мај до октомври. Во втората година жетвата се одвива од март, но само кога е блага зима. Во сурово зимско време, најдобро е да го оставите растението да презимува во куќата или во стаклена градина.

Рузмаринот најдобро расте на сонце на заштитено место со лабава почва богата со хумус и не му е потребна голема влажност.

Мајчина душица

Од мај до октомври, ароматична, со прекрасни цвеќиња, мајчината душица е распространета во неколку сорти. Поради своето природно, карпесто и суво живеалиште, мајчина душица расте добро помеѓу карпите и камењата. Во градината засадете ја во ровка, светло обоена почва на целосно сонце. Мајчината душица е тешка да се одгледува од семе. Ако не сакате да губите време на сеидба, користете мали садници.

Ако навистина одлучите да посеете мајчина душица, најдобро е да го направите тоа во затворено од март до мај или на отворено од мај до јуни. Семето распоредете го во редови со растојание од 20 см, притиснете надолу и покријте го само лесно со земја и одржувајте ја почвата влажна.

На температура на почвата од 15-20 степени целзиусови, за време од 15-20 дена првите ‘ркулци на мајчината душица ќе ви донесат радост во градината.

Мајчината душица е важна состојка во многу супи, чорби, чаеви и чорби од зеленчук.

Кромид власец

Власецот е дел од семејството на кромид и може да биде многу инвазивен ако му се дозволи да цвета. Власецот најдобро расте на целосно сонце и бара богата, растресита почва. Семето од власецот може да се посее во внатрешни услови и да се пренесе надвор кога веќе нема ризик од мраз. Погрижете се растението редовно да биде наводнето и одржувајте ја неговата почва влажна. Често сечете ги перцата за да го поттикнете растот.

Совршено време за сеење во затворено е од февруари до април а, пак од април до август на отворено. 

Со растојание на редовите од 25 см, 1-2 см во редот и околу 0,5 см длабочина,  по 15-20 дена и температура од 15-20 степени целзиусови треба да појават првите ‘ркулци.

Првата берба на отворено може да се очекува од јуни до октомври. Во втората година од март и преку цела година во домашни услови. Сечете го 8-10 см над земјата за да може растението да расте добро.

Кромидот власец претпочита сончево и делумно засенчено место со хумусна почва, богата со хранливи материи.

Има одличен вкус како додаток за супа, во салата, со печен компир или со путер или маргарин како намаз.

Копар

Свежиот копар е многу популарна билка. Се користи за да се ароматизираат многу различни видови на храна, од краставици до риба. Сувиот копар едноставно не може да се натпреварува со вкусот на свежиот копар во сите специјалитети во кои се користи.

Копарот сака топла клима и затоа често се одгледува годишно во многу региони.

Се сее од мај до јули директно на отворено во редови од 20 см растојание. Лесно притиснете, но не посипувајте земја озгора и секогаш оддржувајте ја почвата влажна.

Со температура на почвата од 15-20 степени целзиусови, р’ти за 15-20 дена. Жетвата е планирана од јуни до октомври. Содржината на ароматични, есенцијални масла е најголема за време на цветниот период. Копарот е растение кое може и само да се сее, па со малку среќа ќе добивате нови растенија секоја година.

Жалфија

Жалфијата е древна билка која многу долго време се користи за медицински цели поради своите антисептички својства.

Жалфијата има остар мирис и нејзината арома може да се опише како свежа и смирувачка. Бидејќи има специфичен вкус, билката често се користи во сосови и јадења со месо, но и во многу варијации со паста. Исто така во некои региони, таа е класична комбинација со тиква.

Може да ги третира иритациите на усните и усните шуплини како болно грло, а истражувањата покажуваат дека може да им помогне дури и на дијабетичарите со намалување на шеќерот во крвта.

Жалфијата често се користи во масти и лосиони за лекување на кожни заболувања и намалување на прекумерното потење. Исто така, може да се третира и отстранува првутот кога се користи како регенератор за коса. Исто така е честа состојка во многу парфеми.

Жалфијата вирее на камени, суви варовнички почви и локации на полно сонце без вода. Таа може да се сее од април (во стаклена градина од март). Ставете го семето во влажна почва, притиснете ги надолу и покријте го со малку земја. Ако се наводнува внимателно, жалфијата ќе из’рти за 7 до 21 дена.

Оригано

Ориганото е главна билка во многу национални кујни и е позната по својот отпорен, дрвенест, биберест вкус. Уникатниот вкус на билката го прави прекрасен додаток на многу јадења. Оригано на свежи или тостирани лебчиња, во чорби или сосови е незаменлив вкус. 

За да се одгледува оригано, растението започнува да ‘рти во затворено и се пресадува на отворено кога не постои ризик од мраз. Ориганото мора да се сади на целосно сонце и да има растресита почва.

Сеењето дома или во стаклена градина можете да го почнете од март па се до мај. Лесно притиснете го семето кон почвата, држете ја почвата влажна, но не покривајте ги со земја. Тие ‘ртат за 15-25 дена на температура на почвата од 18-22 степени целзиусови.

Во првата година на сееидба, бербата е можна од јули до октомври и во втората година од април. Пред да почне растението да цвета, исечете го приближно 5 см над земјата. Ориганото претпочита сончево, топло и суво место со добра растресита почва.

Лаванда

Лавандата е прекрасен додаток на секоја градина со виолетово обоени цветови и сладок мирис. Додека лавандата е можеби најпозната по својата способност да ја намали анксиозноста, стресот и да го подобри спиењето, може да се користи и за готвење. Користете само малку лаванда и полека прилагодувајте се кон вкусот. Ако користите премногу, храната може да добие горчлив вкус.

Лавандата можете да ја додадете мелена во леб, колачи и торти. Таа може да се користи и во салати, сосови и пудинзи. 

За добро да вирее лавандата, на растението му треба многу сонце, простор и растресита почва.  За растението подолго да трае, цветовите треба почесто да се одстрануваат. Семето р’ти по една до две недели, но во зависност од климата може да трае и подолго. Ако се одлучите за саксии, почвата треба да се чува рамномерно влажна на почетокот, но потоа на младата лаванда и се допаѓа посува почва. Веднаш штом растението ќе ги покаже првите ‘ркулци, наводнување не е потребно секој ден.

На овој начин најдобро ќе ги зачувате вашите билки!

Постојат многу различни начини како да ги чувате вашите билки од домашната билна колекција, а голем дел од нив зависи од вашиот простор и каков избор имате на ум. Ако имате доволно простор, можете да посветите одреден агол или дел од вашиот дом на вашата збирка од билки. Ако просторот е тесен дури и едноставна полица во плакарот ќе заврши работа.

Бидете креативни колку што сакате кога станува збор за дизајнирање на просторот за вашата колекција од билки. Сепак, постојат неколку критериуми што треба да ги имате во предвид како да ги чувате сувите билки, тинктури и други производи.

Свежите билки најдобро треба да се сушат на парче хартија, под сенка и со доволно проток на воздух. Внимание! Свежите билки немојте да ги сушите на директно сонце. Билките исушени директно на сонце ја губат својата боја и аромата исчезнува. Билките се суви кога деловите на растението се брановидни и лесно може да се распаднат меѓу прстите.

Билките кои веќе се добро исушени за зачини или за чаеви може да се завиткаат во хартија и да се сместат на темна полица во оставата.

Ако не сте сигурни дали вашата куќа има молци, најдобро е да ги чувате билките во тегли со капак за херметичко затворање. За да ги држите молците подалеку од вашите билки ставете исушен букет од лаванда во шкафот. 

Сувите билки немаат датум на употреба, но по одредено време го губат вкусот и аромата.

hanging pots with herbs

Запомнете:

Одгледувањето свои билки и зачини во градината е лесен начин да заштедите пари и да ја добиете највкусната храна. Многу есенцијални билки лесно се одгледуваат дома со соодветна грижа и внимание. Заменете ги претходно купените зачини со локални билки со цел да добиете што е можно посвежи оброци.

Повеќето билки спомнати во оваа објава виреат на светлина и со внимателно наводнување на семето тие формираат многу фини ‘ркулци. Затоа наводнувањето мора да се извршува со претпазливост. На семето, како и на растенијата им треба многу светлина, топлина, сонце и љубов. 💚

Ви посакуваме добра сеидба и многу успех во жетвата на билките од сопствената градина или саксија.

Доколку ви се допадна оваа објава, оставете коментар, следете не на Instagram и Facebook.

Planting tools

Sharing is caring!

Leave a comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.